
Крушево
#lokum #makedonium #skijanje #paragliding
#toshe #ilinden #ezero #dobrahrana #avantura

Крушево е град кој се наоѓа во западнот дел на Македонија, во подножјето на Бушава Планина. Крушево лежи на западниот планински раб на Пелагониската Котлина, во изворишниот плиток долински дел на Крушевска Река. Оваа река го дели градот на два дела: поголем на левата и помал на десната страна. Куќите во градот се поставени амфитеатрално. Поради специфичната морфопластика, Крушево се смета за типично планинско гратче, кое има просечна надморска височина од 1350 метри, па затоа се смета за највисокото гратче на Балканскиот Полуостров. Оддалечено е 25 километри северно од Демир Хисар, 32 километри западно од Прилеп и 52,5 километри северно од Битола
Зашто Крушево е идеално место за извидничката смотра?
Богата историја и знаменитости
Крушево е уникатен град, не само поради својата местоположба и природа, туку и поради богатата историја и традиција. Градот е синоним за непокор за кој што сведочат споменици, музеи и спомен куќи.
Македониум
Споменичкиот комплекс Илинден, познат уште и како Македониум, е еден од најмаркантните споменици во Крушево и Македонија. Откриен е на 2 август 1974 година, на триесетгодишнината од заседанието на АСНОМ и 71-та годишнина од Илинденското востание. Лоциран е непосредно до Крушево, во месноста Гумење. Претставува комплекс од четири платформи, кои ја симболизираат непокорноста, борбата и вечниот стремеж на македонскиот народ за слобода и самостојна држава.
Мечкин камен
И покрај тоа што ова место е едно од поубавите и популарните излетнички места во себе со споменикот Мечкин Камен овој локалитет носи голема историска вредност за градот.
Споменикот Мечкин Камен е симбол на Илинденското востание кое се издигнало на 1-ви август 1903 година. Споменикот ги означува последните и очајнички обиди на малубројните членови на одредот на Питу Гули за заштита на градот од турскиот окупатор. Споменикот е спомен на загубените комитски животи за слободно Крушево од 1903-та година.
Спомениот е подигнат во 1983 година и е креација на македонскио вајар и академик Димо Тодоровски.
Споменик Слива
Споменикот Слива е уште едно обележје на славното историско минато на Крушево. Тој се наоѓа на околу 3 километри од градот и во себе носи богата историска вредност.Споменикот „Слива“, заедно со Мечкин Камен го обележуваат последниот отпор на македонскиот народ во Илинденското востание. При нападот на турискиот аскер на 12-ти август 1903 година на „Слива“ и Мечкин Камен се воделе последните битки на востаниците и борци за слобода. На овие две места востанието било конечно задушено после 10 дена слободно Крушево.
Крушевско езеро
Крушевското езеро е вештачка акумулација која е создадена во шеесетите години на минатиот век. Се наоѓа на неполни два километри од центарот на градот и во последните неколку години станува се поатрактивна и попосетена дестинација. Tоа се должи на неколку фактори кои придонесуваат за посетеноста на овој локалитет.
Прво, заради тоа што водата е природна и чиста и е погодна и за капење. Второ, заради тоа што Крушевското Езеро е богато со многу видови на риби и има одлични услови за развој на спортски риболов. Во последните десетина години, крушевчани вложуваат во развој на овој предел.
Просторот околу езерото е уреден со пешачка и велосипедска патека, скари, клупи и осветлување кои нудат можност за рекреативно трчање и пешачење, возење велосипед, излет преку денот, како и вечерни прошетки околу езерото.
Просторот над самото езеро е исто така уреден за љубителите на спортот и спортските активности. Изградено е повеќенаменско игралиште на одлична локација, а во близина има и фитнес зона.
А во јули, ние извидниците ќе го искористиме максимумот што може да го понуди езерото. Ќе градиме сплавови. Ќе учиме да весламе и да кајакариме. Ќе вежбаме спортски риболов.



Уникатна архитектура и крушевска чаршија
Традиционалната крушевска архитектура е позната и прочуена како една од најспецифичните во Македонија, а и на Балканот.
Прво нешто што е специфично и интересно и што се забележува при самиот влез во градот е уникатно поставениот терен и амфитеатралната поставеност на куќите, тесните улички направени од калдрма (коцки) и секако – старите крушевски куќи. Старата крушевска чаршија, се’ уште го зачувала својот традиционален изглед со тесните испреплетени улички, плоштадот, малите дуќанчиња и едно од позначајните архитектонски дела – црквата св. Никола, која се наоѓа во срцето на чаршијата.
Карактеристични за Крушево се и маалските чешми кои ги имало во секое маало, дел од нив постојат и ден денес.Сепак, она што е најпривлечно и најинтересно за посетителите на Крушево, се старите крушевски куќи изградени со специфичен стил кој претставувал спој на знаењето и културата на Власите и Мијаците.
Самата надворешност на куќите која прва се забележува е карактеристична по белите фасади, покривите од кои најчесто биле од плочи, големиот број на прозорци обоени најчесто со сина боја, поретко со други бои. Куќите се опкружени со двор кој е ограден со камен ѕид (авлија) на кој се наоѓа влезната врата (порта) која е од дрво. Истите се составени од една голема порта или па комбинација од поголема и помала порта. Други надворешни елементи кои се карактеристични за крушевската куќа се балконите, со огради кои се декоративно изработени од ковано железо и со двокрилна врата со розета и два странични прозорци.
Решетките на прозорците за задолжителен елемент.Крушевските куќи, не се само интересни надворешно, туку и внатрешно, а истовремено се мислело да бидат и функционални. Во внатрешноста на куќите преовладуваат дрвени елементи како: мусандри, долапи, миндери, а и самите скали во внатрешноста се од дрво. Во долните спратови најчесто се наоѓаат економските простории каде што се чува покуќнина. Во горните спратови задолжителен е чардакот каде што често се седи и се пие кафе, а таму се наоѓаат и спалните и гостинските соби.
Многу куќи во Крушево дури и денес ја зачувале уникатната архитектура во која преовладува сината боја. Се верува дека доминантната сина боја е наследство на крушевските печалбари во Грција. Но, во некои домови преовладува и жолтата боја за што се верува дека е наследство на печалбарите во Романија. На дел од нив се забележува жолта боја на една четвртина од една страна од фасадата, што е уште една карактеристика на традицијата на крушевските куќи. Сепак, некои куќи иако се изградени во 19-ти век нешто подоцна го промениле изгледот под влијание на печалбарите. Уникатната инфраструктура сведочи за богатото наследство на крушевчани. Преостанати се само неколку куќи со ваков уникатен изглед, но овие домови се симбол на наследството на Крушево и блискоста што овој град ја има со својата историја



Родниот град на Тоше Проески
Тодор – Тоше Проески (25 јануари 1981 – 16 октомври 2007), иако за жал живееше релативно кратко, сепак неговата човечност и делото кое го остави го прават еден од најзначајните крушевчани воопшто, исто и најзначаен амбасадор на Крушево и на Македонија во светот. Спомен куќата се наоѓа на месноста “Гумење”, а во непосредна близина е и вечното почивалиште на легендата. Ова претставува еден објект кој е изграден во најмодерен стил, во форма на крст. Во внатрешноста можат да се погледнат многу лични предмети и облека на пејачот, многу фотографии од неговите концерти, текстови кои тој лично ги пишувал со рака, како и две восочни фигури. Сето тоа е надополнето со прекрасните звуци на песните кои ги создаваше нашиот Тоше, песни преку кои тој се уште продолжи да живее меѓу сите нас!
Во спомен куќата Тодор Проески можат да се видат предмети кои зборуваат за животот на познатиот македонски пејач кој загина трагично во 2007-ма година, а беше на пат преку музика да го освои Светот.
Тоше Проески е балканска музичка ѕвезда и во негова чест е изградена спомен куќата. Тој беше амбасадор на Македонија и музички талент кој можеше да достигне светска слава.
Спомен куќата е отворена во април 2011-та година и оттогаш е посетена од повеќе од 800 000 луѓе.
Во спомен куќата посетителите можат да ги најдат неговите лични работи, претставување на неговата соба каде што го поминувал слободното време, книгите што ги читал и др. За време на прошетката во зградата постојано се емитуваат неговите безвременски песни кои го збогатуваат местото.



120 години Илинденско востание
Во 2023 година се чествува 120 години од Илинденското востание, дигнато во Крушево. Ова востание е многу значајно за македонскиот народ. Успехот на востанието резултирало со создавањето на Крушевската република, на чии вредности се темели македонската државност државност.
Во Крушево, под зраците на мимолетната слобода и еднаквост се стопија националните омрази и зацарува мир и братство меѓу трите христијански општини. Во десетте денови Крушево живеше како автономна, минијатурна, но со положена крв на овој идеал… во борбата против тиранијата и го доведе до Илинден.
Водени од идеалите на нашите предци, ќе изградиме 10 дневна извидничка република. Република во која владее еднаквост, другарство, мир.
Цркви во Крушево
Во Крушево има четири цркви. Во минатото нивниот број бил и поголем, меѓутоа тие биле попримитивни, се до изградбата на модерни градби што започнала со доселувањето во градот на најпознатите балкански градители – Мијаците. Крушевските цркви импресионираат со својата архитектура, особено со внатрешниот простор. Во концепцијата на овие цркви, присутни се влијанијата на домашната традиција во оживувањето на базиликалната форма, како и на современите тенденции на романтичарските движења, што е карактеристика на градбите од овој вид низ Македонија.
- Црква Света Тројца во Череш Маало
- Влашка црква во Крушево
- Црква Света Богородица, најстарата црква во Крушево
- Црква Свети Никола
Музеи во Крушево
Крушево е еден од ретките градови со доста богата историја. За тоа сведочат доста градби кои постојат и денес. Има вкупно шест музеи и секој од нив си има своја приказна за одредени ликови и настани кои се случиле во минатото, а се значајни во создавањето на Крушево како град, па дури и на македонската држава.

МАКЕДОНИУМ

СПОМЕН КУЌАТА НА ТОШЕ ПРОЕСКИ

МУЗЕЈ НА ИЛИНДЕНСКО ВОСТАНИЕ

ЛЕАРНИЦА

МУЗЕЈ НА НАРОДНООСЛОБОДИТЕЛНА БОРБА

ГАЛЕРИЈА НИКОЛА МАРТИНОСКИ
Крушевска корија
Во градот Крушево и околината има повеќе типови на дрвја и шуми. Крушевската корија со која е опкружен градот претставува едно од главните обележја. Особено се пријатни прошетките низ коријата во летните месеци, кога температурата е повисока. Во околината на градот, најмногу е застапена буковата шума, доста ја има и боровата шума (црн и бел бор), а се среќава и дабова шума. Покрај овие видови на дрвја, застапени се и некои автохтони видови, како на пример: сребрена липа и големолисна липа, црн јасен, костен, трепетлика, дива или козја врба, модра смрека и други.

Крушевски кулинарски специјалитети
СЛИКИ ОД ЛОКАЦИЈАТА ЗА КАМПОТ












