Skip to content

Кој може да учествува?

УЧЕСНИЦИ

ИЗВИДНИЦИ

Во категоријата извидници спаѓаат сите членови на извидничкото
движење на возраст 11-14 години. Оваа категорија претставува столб на извидничкото движење бидејќи членовите кои припаѓаат во оваа
категорија се најбројни. Извидниците уживаат во авантури, како на пример, качување по карпи, планински велосипедизам, кајакарство и кампување, и работат во групи со млади луѓе, со цел да ги исполнат возбудливите предизвици. А на оваа смотра, не ги очекува ништо помалку од тоа.

ИСТРАЖУВАЧИ

Истражувачи се извидниците на возраст 15-17 години кои се активни
членови на извидничката организација. Самиот збор истражувачи, кажува дека нивната програма ќе има задача да ја поттикне нивната љубопитност и да ја поддржи и стимулира потрагата по она што ги исполнува и ги прави среќни. Заедно со останатите истражувачи, преку програмата на смотрата, ќе имаат можност да искусат нови авантури, поминувајќи низ предизвиците кои ќе им остават исклучителни и уникатни искуства и доживувања

ВОЛОНТЕРИ

ВОЛОНТЕРИ – ИЗВИДНИЦИ

Волонтерите – извидници се вистински мотор на секоја смотра. Од раководството, па се до програмските тимови, сите вклучени извидници се на волонтерска база. Волонтер може да биде секој извидник со наполнети 18 години, кој нема улога на лидер или водач на контингент на смотрата. Волонтерите, согласно нивните афинитети, можат да бидат вклучени во програмскиот, логистичкиот или организацискиот дел. Покрај волонтерскиот ангажман, волонтерите ќе имаат можност за учество во засебна волонтерска програма како дел од смотрата.

ВОЛОНТЕРИ ОД ДРУГИ ОРГАНИЗАЦИИ

Со цел да обезбедиме целосно искуство за нашите учесници, неопходно е да соработуваме со надворешни чинители. Секој еден од тие чинители носи дополнителна тежина и можност за нашите учесници да се стекнат со нови и уникатни знаења и вештини. Доколку сте дел од организација која што имплементира супер кул проекти на локално/национално ниво, работите на интересни иницијативи од интерес на младите, креирате современи алатки, знаете супер активност/работилница, Ве охрабруваме да не контактирате со цел да воспоставиме партнерство

Искустства од претходните смотри

“Смотрата е се она што го знаеме за извидништвото – собрано на едно место, на еден настан. Навистина е одлично искуство, за стекнување нови вештини, за запознавање нови пријатели од Македонија и други земји, за тимска работа, за осамостување. 14 години подоцна, смотрата буди одлични спомени и незаборавни моменти.”

– Ангела Николовска, ИПО Јадран, учесник на 10та смотра, 2008 год, Маврово

„Волонтерство искуство како никогаш до сега. Искуство кое ме направи подобар извидник и волонтер. Смотрата ме направи посилна, потрпелива, ме научи на вештини кои ги носам со себе цел живот – Смотрата ме направи подобра верзија од себеси.“

– Снежана Јанкович, Прв Скопски Извиднички Одред, волонтер на 11та смотра, 2013 год, Скребатно

„Тие десетина дена што ги поминав на 12тата смотра беа навистина незаборавни. Иако бев постара, успеав за таа последна моја година како истражувач да си поминам преубаво и до ден денес да имам импресии од таа смотра. Прекрасна дружба и незаборавно искуство!“

– Ева Блажевска, ИПО Галеб, улесник на 12та смотра, 2018 год, Скребатно

“”10 дена спиеш со некој, споделуваш со некој, помагаш за после да ти помагаат тебе, готвиш, играш, се смееш, плачеш, се радуваш – на 16 години имав можност да го искусам сето тоа, со што ме направи појака, поиздржлива и поемпатична личност. Несвесно учиш и се подготвуваш за она што ти носи животот, преку забава и мнооогу дружба.”

– Петар Филиповски, ИО М.М. Брицо, учесник на 11та смотра, 2013 год, Скребатно

„Смотрата за мене беше првиот голем извиднички настан на кој учествував. Оваа смотра беа почетоците на нашиот извиднички одред и секогаш ќе ми остане мила поради тоа. Добредојдени бевме со голема прегратка од другите одреди и извидници од Македонија и од другите земји. Прекрасни сеќавања и одлично искуство!“

– Дарко Тошиќ, ИО Еквинокс Скаут, волонтер на 12та смотра, 2018 год, Скребатно